Инспекторат

Затворени 20 објекти поради непочитување на протоколите

22.11.2021 13:42

Според Државниот пазарен инспекторат, досега се извршени над 1.200 инспекциски надзори во угостителски објекти. Затворени се 20 објекти поради непочитување на протоколите или непоседување на сертификат. Почнува да работи електронскиот систем, „Е-инспектор“. Според надлежните, целта е намалување на ризикот на коруптивно однесување и навремено плаќање на данокот...

Поради непочитување на протоколите или непоседување на вакцинален сертификат за Ковид- 19 или прележан вирус, Државниот пазарен инспекторат во последните шест месеци затворил 20 објекти, само во ноември девет.

Во извршените над 1.200 инспекциски надзори била изречена глоба кон правните лица во износ од шест милиони денари и над 1,5 милион денари кон одговорните лица. Од Инспекторатот информираат дека веродостојност на сертификатите е во надлежноста на МВР.

Од Владата информираат дека со работа почнува електронскиот систем „Е - инспектор“. Оттаму велат дека целта е намалување на ризикот на коруптивно однесување на инспекторите како и навремено плаќање на данокот.

Според претседателката на Инспекцискиот совет, Филиповска – Грашковска, придобивки ќе има бизнис секторот, а ќе се елиминира и субјективноста во контролите.

Според надлежните со овој механизам инспекторатот системски ќе се справува со корупцијата.

 

Дијана Ценевска