Партиските тела на СДСМ утре ќе се изјаснат за оставката на Заев
Партиските тела на СДСМ утре ќе се изјаснат за оставката на Заев од лидерската функција. Сѐ уште не се знае кој ќе биде негов наслединик. Вицепремиерот Николовски вели нема да се кандидира. Истиот лидер треба да биде и нов мандатар на Владата. Алтернатива ќе решава дали ќе се приклучи кон владиното мнозинство, ВМРО- ДПМНЕ не коментира, ќе чека дали ќе одат со власта поради кариера или ќе се решат за подобра иднина. Интегративците велат, сите проевропски партии се добредојдени во власта...

Заменик- претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, Љупчо Николовски не се гледа како наследник на Зоран Заев на премиерската функција. Нема да се кандидира и за лидерската позиција на Социјалдемократскиот сојуз. Премиерот во заминување и актуелен претседател на СДСМ, Зоран Заев во петокот најави дека ќе побара од органите на партијата да биде свикан Централниот и Извршниот одбор за да се констатира неговата оставка и да почне постапката за избор на нов лидер. Идниот лидер, според Заев, би требало да биде и идниот мандатар кој ќе ја состави новата влада.
„Се работи за најголемата политичка партија и организација што е демократска, модерна, во којашто и пред неколку месеци имаше непосреден избор за претседател на партијата, имаше само еден кандидат. И доколку сега се одлучи да се отворат истите постапки ќе имаме целосно отворена, транспарентна, демократска постапка во која што во ниту една политичка партија ја нема и каде што секој кој ги исполнува условите ќе може да се кандидира. Јас не се гледам и нема да бидам еден од кандидатите“, рече Николовски.
Заклучоците од Централниот и Извршниот одбор на владејачката партија предизвикуваат внимание и поради фактот дека од нив ќе зависи капацитетот од идните коалицирања и окрупнување на парламентарното мнозинство, кое во моментов е 60 пратеници како за власта, така и за опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ и денеска го повтори својот став за евентуално идно преминување на Алтернатива во власта. Или се со народот кој испрати јасна порака на изборите, или не, велат од партијата.
За првиот вицепремиер, Артан Груби добрeдојдени се сите партии кои се за евроинтеграција на земјата. Со премиерот не разговарал за кадровските прашања поврзани со евентуалниот влез на Алтернатива во Владата.
„Вчера имав долг разговор со премиерот Заев за средбата што ја имал со Алтернатива, денеска ќе имаме нова средба во врска со случувањата со новото парламентарно мнозинство. Оценивме дека сите политички партии кои се свесни за важноста на процесот за европска интеграција на Северна Македонија, ќе мора да бидат конструктивни и се добредојдени да станат дел од парламентарното мнозинство“, вели Груби.
Алтернатива пред конечна одлука дали останува во опозиција или ќе партиципира во извршната власт. Гаши е свесен за поделеноста на ставовите од сопартијците, но сепак, очекува единство и почитување на одлуката на партиските тела.
Марина Стојанова Тонева
