Се трага по исчезнатиот Никола Милев од Радовиш
Четири дена ни трага ни глас од 27-годишниот Никола Милев од Радовиш. Неговата сестра го пријавила исчезнувањето на 19-ти вечерта. Тој времено престојувал кај неа. Од МВР велат дека се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето …

Четири дена ни трага ни глас од 27-годишниот Никола Милев од Радовиш. На 19-ти вечерта околу 21 часот, сестра на исчезнатиот пријавила во СВР Струмица дека нејзиниот брат се оддалечил од домот претходниот ден и не е вратен. Исклучен му бил мобилниот телефон, а не знаеле каде е ниту најблиските пријатели. Милев е со адреса на живеење во Радовиш, но неговите две сестри подолг период престојувале и работеле во Струмица, а нивниот брат почесто, времето го поминувал во Струмица, отколку во Радовиш.
Информацијата за исчезнувањето ја потврдија и од СВР Струмица. Портпаролот Александра Трајановска конкретизираше дека истрагата е во тек, се преземале сите неопходни мерки за доаѓање до некаква трага, а информирано било и Јавното обвинителство од Струмица.
Милев, во Радовиш живеел со неговиот татко, а мајка му била почината. Нашата екипа не успеа во текот на денешниот ден да се поврзе со семејството.
На веб-страна на МВР, слика и податоци за исчезнатиот Милев сè уште не се објавени. СВР Струмица во моментов е со уште една отворена истрага по лицето, 28-годишната Марија Брзакова која беше пријавена за исчезната, кон крајот на јануари 2019-та година. Таа подолго време е на списокот на исчезнати лица на МВР, а интензивно се бараше и со апели на социјалните мрежи. На повеќе локации во Струмица сè уште има летоци со нејзини фотографии и контакт броеви на коишто може да се обратат граѓаните.
Стојне Митева
