Најмалку 45 македонски државјани загинаа во автобуска несреќа во Бугарија, меѓу нив има и деца
Најмалку 45 македонски државјани загинаа во автобуската несреќа што се случи ноќеска во Бугарија. Според бугарското министерство за внатрешни работи, меѓу загинатите има и 12 малолетници, а спасени се само седум лица од автобусот...

Најмалку 45 македонски државјани загинаа во автобуската несреќа што се случи ноќеска во Бугарија. Според бугарското министерство за внатрешни работи, меѓу загинатите има и 12 малолетници, а спасени се само седум лица од автобусот.
Страшната трагедија која се случила на автопат во Бугарија, на триесетина километри од Софија, кога автобусот во кој се превезувале 53 македонски државјани излетал од автопатот се превртел и запалил. Возачот исто така е меѓу жртвите. Преживеаните патници се пренесени во болницата „Пригов“ во Софија, и според информациите од таму се во стабилна состојба.
„Сликата е ужасна и не секој може да ја поднесе. Никогаш не сум видел вакво нешто. Тешко е да се одреди колку луѓе има и кои се“, изјави бугарскиот министер за внатрешни работи Бојко Рашков кој е на местото на несреќата заедно со бургарскиот премиер Стефан Јанев.
Според информациите, автобусот бил дел од поголем група од четири автобуси кои неколку часа претходно влегле во Бугарија од Турција преку граничниот премин „Капитан Андреево“. Според неофицијаланите информации се враќале од Истанбул и требало да влезат во Македонија преку граничниот премин „Ѓуешево - Деве Баир“ кај Крива Паланка.
Според податоци што македонските власти ги добиле од надлежни институции во Бугарија, автобусот, припаѓал на автобускиот превозник „Беса транс“. Според неофицијални информации, во него имало и македонски и албански државјани.
Според првичните информации, до несреќата дошло поради грешка на возачот, или ненадеен технички дефект.
