Трагедија

45 загинати, меѓу кои 12 деца во тешката сообраќајна несреќа во Бугарија

23.11.2021 10:07

45 загинати меѓу кои 12 деца во тешката сообраќајна несреќа на македонски автобус на автопатот „Струма“ во Бугарија. Преживеале седум лица - две жени и пет мажи, чија здравстена состојба се смета за стабилна и се сместени на лекување во болницата „Пирогов“. Во несреќата загинал и возачот. Автобусот синоќа нешто по 21 часот влегол преку граничниот премин „Капитан Андреево“. Околу три часот се случила сообраќајна незгода...

Страшна трагедија се случи ноќеска околу 3 часот по полноќ. Автобус со македонски државјани се запалил на бугарската магистрала „Струма“, во реонот на селото Боснек. Според првичните и неофицијални информации загинале 46 патници, но точната бројка допрва ќе се утврдува. Автобусот што ги превезувал македонските патници од Истанбул е на Беса Транс. Како што објавија бугарските медиуми, меѓу загинатите имало 12 малолетници, меѓу кои и две близначиња. Во несреќата загинал и возачот. Преживеале 7 лица - 2 жени и 5 мажи, чија здравстена состојба се смета за стабилна и се сместени во болницата „Пирогов“ во Софија. Патниците се враќале од Истанбул.

Автобусот синоќа по 21 часот влегол во Бугарија преку граничниот премин Капитан Андреево, на бугарско-турската граница, а сообраќајната незгода се случила изутрината околу 3 часот на магистралата во насока Софија-Благоевград. Според заменикот главен обвинител, Борислав Сарафов, телата биле изгорени до непрепознатливост. На местото на трагедијата веднаш отпатувал тим од лекари по судска медицина. За несреќата има две верзии-грешка на возачот, или ненадеен технички дефект. На местото на несреќата пристигнал и техничкиот премиер Стефан Јанев, придружуван од повеќе соработници.

Министерот за внатрешни работи Бојко Рашков изјави дека не се знае точната бројката на патници во автобусот, бидејќи наводно во конвој возеле четири автобуси, застанувале на постојки за одмор на патниците, и се смета дека можеби имало и префрлување на патници од еден во друг автобус. Според бугарски експерти за патишта и сообраќај, оваа делница се смета за многу тешка. Цело лето таму се поправале дупки, често имало брзо возење и голем број сообраќајни несреќи. И Премиерот Зоран Заев е во Бугарија. За несреќата изутрината бил информиран од бугарскиот претседател Румен Радев и од премиерот Стефан Јанев.

 

Милчо Велески