Владата прогласи тридневна жалост за трагичната несреќа во која животите ги загубија 45 македонски државјани

23.11.2021 13:10

За денови на жалост се прогласени денешниот ден, утре и задутре, односно од 23 ноември заклучно со 25 ноември. За време на деновите на жалост знамето ќе биде истакнато на половина копје. Се одложуваат сите настани...

Со едноминутно молчење во знак на почит кон жртвите од трагичната сообраќајна несреќа во Бугарија, и во знак на сочувство со нивните семејства, Владата на денешната редовна 120-та седница донесе одлука да биде прогласена тридневна жалост на територијата на целата држава.

За денови на жалост се прогласени денешниот ден, утре и задутре, односно од 23 ноември заклучно со 25 ноември (вторник, среда и четврток), а за време на деновите на жалост знамето на Република Северна Македонија, како и на дипломатските претставништва на земјата во странство, ќе биде истакнато на половина копје, информираат од владината прес- служба.

Се одлагаат сите јавни настани, а медиумите треба да ги прилагодат своите содржини соодветно на прогласената тридневна жалост.