Трагедија во Бугарија

Документацијата за техничката исправност на автобусот предадена на бугарското обвинителство

23.11.2021 13:28

Обебзедена е документацијата за техничката исправност на автобусите на „Беса транс“ и истата е веќе предадена на бугарското Јавно обвинителство, документите допрва ќе се проучуваат велат обвинителката за организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска и јавниот обвинител Љубомир Јовески кои се на лице место на несреќата...

Страшна трагедија се случи ноќеска околу 3 часот по полноќ. Автобус на „Беса-транс“ со кој од Истанбул се превезувале македонски државјани, се запалил на бугарската магистрала „Струма“, во реонот на селото Боснек. Во несреќата загинал и возачот. Документацијата за техничката исправност на автобусите е обезбедена и истата и е предадена на бугарското јавно обвинителство.

Документите допрва ќе се проучуваат велат обвинителка за организиран криминал и корупција Рускоска и републичкиот обвинител Јовески кои беа на местото на несреќата.

„На лице место каде што е автобусот се наоѓа и сопственикот на превозната фирма, кратко разговарав со истиот. Рече дека 20 години има транспортна фирма и досега немале никаков инцидент. Но, како што кажаа и колегите, сите документи ќе ги обезбедиме, кога се регистрирани, кога е направен технички преглед. Повеќе веруваме на документи, а не на исказ на било кого“, изјави обвинителката Вилма Русковска.

„Документите се обезбедени и ние ќе им ги предадеме на колегите на бугарското обвинителство. Треба да се проучат за да можат да се утврдат и фактите од нив. Тоа е и нашата цел тука, што побрзо да се заврши процедурата, особено идентификацијата на починатите“, рече републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Од несреќата 7 лица успеале да се спасат. Со повреди и скршеници биле префрлени во болницата „Пирогов“ во Софија. Нивната здравствена состојба е стабилна и се вон животна опасност.

Автобусот синоќа по 21 часот влегол во Бугарија преку граничниот премин Капитан Андреево, на бугарско-турската граница, а сообраќајната незгода се случила изутрината околу 3 часот на магистралата во насока Софија-Благоевград. Според заменикот главен обвинител, Борислав Сарафов, телата биле изгорени до непрепознатливост. На местото на трагедијата веднаш отпатувал тим од лекари по судска медицина. Според бугарски експерти за патишта и сообраќај, оваа делница се смета за многу тешка. Цело лето таму се поправале дупки, често имало брзо возење и голем број сообраќајни несреќи.

Бугарскиот министер за внатрешни работи Бојко Рашков изјави дека во конвој возеле четири автобуси, застанувале на постојки за одмор на патниците, и се смета дека можеби имало и префрлување на патници од еден во друг автобус. Македонскиот министер Спасовски информира дека по телефонскиот разговор со неговиот бугарски колега тим на МВР, предводен од помошник-директорот на униформирана полиција, а составен од претставници на Секторот за сообраќајната полиција и Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења се вклучува во поддршка на бугарските колеги. Очекувам брза и сеопфатна реакција на надлежните служби. Нашите мисли и молитви се и со повредените. Од срце посакувам нивно брзо закрепнување и што поскоро враќање во нивните домови, напиша на фејсбук министерот Спасовски.

 

 

Милчо Велески