Морбилите се шират- доказ за опасност од невакцинирање

31.03.2014 16:09

Вкупно 43-ца заразени со мали сипаници. Ако првично беа меѓусебно поврзани, сега има и изолирани случаи. Повеќето од заболените биле невакцинирани, или вакцинирани само со една доза...

Расте бројот на заболени од мали сипаници. 10 нови случаи се регистрирани викендов. Во моментов деветмина се лекуваат на Инфективната клиника, меѓунив и деца. Повеќето не биле вакцинирани, или вакцинирани само со една доза. За разлика од кај нас, каде што има отпор за имунизација, во Британија ретко некој не е вакциниран, иако не е задолжително со закон.

„Лекарите ги запознаваат родителите со сите здравствени бенефити што ги носи вакцинацијата, но и кои се ризиците доколку нивните деца не се вакцинираат. Повеќето родители се решаваат за имунизација“, вели проф. д-р Мич Блер од Империјал Колеџ од Лондон.

Британците не ги заборваат 6 –те жртви на малите сипаници. Страв од аутизам, наводно предизвикан од вакцина пред 15 години го тресел Обединетото Кралство. Науката го елиминирала ова тврдење.

„Оттогаш интензивно се работеше на зајакнување на довербата во здравствениот систем и промоција на вакцинирањето и имунизиацијата, која е од непроценливо значење“, вели д-р Блер.

Надлежните покрај прогласената епидемија, засега не препорачуваат вонредна вакцинација, освен за оние што биле во контакт со болниот. Малите сипаници можат да предизвикаат бронхитис, пневмонија и други компликации на белите дробови.

 

Наташа Јанчиќ