Трагедија во Бугарија

Реакции и сочувство за несреќата

23.11.2021 14:53

Пристигнаа телеграми со сочуство за настраданите во несреќата. Пендаровски, Радев, Вучиќ меѓу првите кои изразија сочувство до семејствата на загинатите...

Со огромна тага, жал и неверување Балканот и Европа ја примија веста за трагедијата со голем број жртви, меѓу кои и деца. Писма и пораки за сочувство за загинатите и нивните семејства и солидарност во овие тешки времиња пристигнуваат од сите страни.

Претседателот на државава, Стево Пендаровски очекува надлежните да спроведат целосна истрага, да се утврдат причините и одговорноста за трагедијата.

„Во овие тешки мигови изразувам најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на сите лица и наши сограѓани кои ги изгубија своите животи и беа повредени во стравотната сообраќајна несреќа што се случи на територијата на соседна Бугарија“, напиша Пендаровски.

Ова е голема трагедијата, голема е нашата болка, рече премиерот Заев кој од изутрината е во Бугарија.  Изрази сочувство до семејствата на загинатите.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери испрати телеграма од негово име и од име на пратениците во Собранието – „Тагата, горчината и беспомошноста се чувствува во сечиј поглед, во сечија душа и ум. Со мислите, со молитвите и со сето мое битие сум со семејствата на трагично загинатите, иако свесен дека во моментов, нема збор што може да ја утеши нивната болка, загуба и вечната празнина што ќе остане по загубата на драгите членови на семејството“, стои во телеграмата.

Писма и пораки за сочувство од сите балкански држави. Во ова тешко време Бугарија и Република Македонија делат заедничка тага, солидарност и емпатија. Десетиците изгубени животи се непростлива загуба за нашите братски земји, порача бугарскиот претседател Радев.

Србија и сега е со вас, подготвена да ја пружи сета потребна помош и поддршка, бидејќи не сте сами во оваа трагедија, напиша во телеграмата српскиот претседател Вучиќ. Сочуство изрази и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Во објава на Фејсбук, албанскиот претседател Рама несреќата ја опиша како огромна болка.

И димпломатскиот кор во земјава со жалење и голема тага ја прими веста. Американската амбасадорка Брнз изрази најдлабоко сочувство на семејствата кои ги загубија своите најмили, и нашата поддршка за повредените, како и за оние на кои срцата им се скршија кога слушнаа за оваа трагична сообраќајна несреќа. Нашите мисли се со вас во овие тешки времиња, напиша амбасадорката Брнз на Твитер.

Моите мисли и чувства се со семејствата и пријателите на оние кои загинаа исто како и луѓето и властите на Северна Македонија, напиша на Твитер еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон Дер Лајен изрази сочуство до семејствата и пријателите на загинатите. Во овие страшни времиња вели, Европа се солидариза со вас. Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир на Твитер изрази сочуство за загинатите и посака целосно и брзо опоравување на повредените.

До Амбасадата на Македонија во Бугарија во текот на целиот ден пристигнуваат пораки за сочуство и се нуди помош, вели амбасадорот Крстевски.

Од рано изутрината пред македонската амбасадата граѓани палеа свеќи и оставаа свежи цвеќиња во чест на трагично загинатите во несреќата.

 

Викторија Милевска