Соученици на загинатите деца во тага
Едно училиште, многу тага. Наставата во „Исмаил Ќемали“ во скопски Чаир е прекината. Нема да ја посетуваат веќе неколку ученици кои заминаа засекогаш во кобната несреќа кај Струма...

Џагорот се претворил во силен плач. Едно училиште, многу тага. Наставата во „Исмаил Ќемали“ во скопски Чаир е прекината. Нема да ја посетуваат веќе неколку ученици кои заминаа засекогаш во кобната несреќа кај Струма. Во ова училиште оделе, се смееле и споделувале игри, кошкања и се детско и младешко со своите другарчиња. Сега неверувањето и тагата им ги населиле срцата. Тие не можат да прифатат дека повеќе ги нема. Добри ученици и одлични другари вака ги опишуваат.
„Лошо се чувствувам, ми беа како семејство. Воопшто не знам како да го објаснам моето чувство. Беа предобри ученици. Му изразувам сочуство на семејството“, вели една соученичка.
Каков ужас преживеале ни раскажуваат некои кои дознале меѓу првите дека ги загубиле другарчињата.
„Дојде една другарка и ни кажа дека изгорел автобусот во кој беа наши соученици. Тешко ми е. Сите ученици плачејќи и врескајќи излегоа од училиштето ,ниту наставниците не знаеа што да ни прават. Не пуштија да си одиме дома“, вели соученичка.
„Многу тешко ја примив оваа лоша вест. Тоа се наши другарчиња , тоа се пред се невини деца. Од управата ни кажаа да си одиме и дека и утре нема да имаме настава“, рече соученик.
Наставата е прекината. Од раководството на училиштето не добивме повеќе информации. Не беа волни, не е лесно, велат за миг неколку ученици вечно ги напуштија училишните клупи. Децата биле на одмор и се од истото семејство. Најмладото било второ одделение, а најстарото деветто.
Фиљана Кока
