Автобуска несреќа во Бугарија

Во тек е процесот на идентификација на жртвите

24.11.2021 09:50

По автобуската несреќа воспоставени се повеќе директни линии за заедничка соработка со бугарските власти. Правосудните институции од земјава се во директен контакт со институциите од Бугарија за идентификација на жртвите. Автобусот на „Беса транс“ кој изгоре во Бугарија немал лиценца за меѓународен транспорт- вели министерот Бочварски. Според податоците на МВР, последната извршена проверка на техничката исправност на возилото, е направена на 5-ти октомври годинава...

Процесот на идентификација на жртвите е во тек, а по негово завршување ќе следи организирана постапка за пренос на телата на починатите, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи. Најави дека продолжуваат со координативните активности според динамика договорена со колегите од Софија. МНР отвори линии за брза размена на информации со цел да се координираат активностите на роднините на настраданите за процесот на идентификација, рече Османи.

Според податоци со кои располага МВР, последната извршена проверка на техичката исправност на автобусот е на 5-ти октомври 2021-ва година, а истражната постапка ќе ги даде одговорите на сите отворени прашања. Нашата земја и Бугарија се заедно во активностите за расветлување на причините за автобуската несреќа, за идентификувањето на жртвите во несреќата, за давање помош и за лекување на настраданите, за што сме благодарни, рече Спасовски.

Автобусот на превозникот „Беса транс“, кој изгоре во Бугарија и притоа загинаа 45 луѓе, немал добиено извод од лиценца за превоз во домашен и меѓународен сообраќај од Министерството за транспорт и врски. Министерот Бочварски рече дека превозникот со седиште во скопско Рашче имал уредна лиценца, но меѓу четирите автобуси заведени во евиденцијата на неговото министерство, го нема автобусот кој изгоре ноќеска на автопатот „Струма“ близу Перник.

Министрите изразија уверување дека со взаена координација и помош од бугарските власти ќе се заврши истрагата за причините за трагедијата, а наскоро ќе може и преживеаните да бидат транспортирани во земјава. 

Игор Панов