Интензивна расправа во Брисел, Бугарија не отстапува од блокадата
Проширувањето мора да продолжи со официјален почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија до крајот на словенечкото претседателство. Постои можност за решение меѓу Скопје и Софија за билатералното прашање до крајот на годинава, изјави државниот секретар во словенечкото МНР, Довжан по Советот за општи работи во Брисел. Хрватска инсистирала на усвојување на преговарачката рамка предложена од хрватското претседателство со ЕУ. Бугарија останала на блокадата за преговорите во декември...

Интензивна расправа во Советот за општи работи на ЕУ за процесот на проширување. Бугарија останала на ставот дека нема да дозволи почеток на преговори со Северна Македонија, додека останатите земји-членки предупредиле дека во прашање е доведен кредибилитетот на Унијата и на проширувањето, па затоа е потребно до крајот на словенечкото претседателство и официјално да почнат преговорите со земјава и со Албанија.
„Постои широка поддршка за проширувањето, но знаеме дека се уште постојат некои билатерални работи што особено беа нагласени од Бугарија. Но се надевам дека во преостанатото време на словенечкото претседателство ќе можеме да најдеме решение. Проширувањето треба да биде процес за позитивно поттикнување, а билатералните прашања да бидат разрешени конструктивно. Се надевам дека ќе можеме да направиме позитивни чекори напред за да можеме да почнеме преговори. Се работи за кредибилитетот на ЕУ и на процесот на проширување“, изјави Гашпер Довжан- државен секретар во МНР на Словенија.
На министерсот состанок во Брисел заклучиле дека продолжува работата на усвојување на преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија и официјален почеток на преговорите до крајот на годинава.
„Расправата за почеток на преговори со Северна Македонија ќе продолжи. Заклучоците ќе бидат подготвени за усвојување во декември. Дотогаш на работните тела на Советот ќе се расправа и за преговарачката рамка што треба да се усвои за Северна Македонија и Албанија, за да можат официјално да почнат преговори и тоа што беше донесена за време на хрватското претседателство. Ние од наша страна изразивме силно уверување и на некој начин очекување тоа да се случи во најбрз краток рок“, рече Андреја Метелко- Згомбиќ, државен секретар за европски прашања на Хрватска.
Европскиот совет на кој ќе се расправа и за проширувањето ќе се одржи на средината од декември.
Ирина Гелевска
