Истрага за автобуската несреќа

Првични резултати од истрагата најавени за утре

24.11.2021 12:35

Дали причината за сообраќајната несреќа е несоодветната сигнализација на патот или можеби е човечка грешка? Бугарските органи првични резултати од истрагата најавуваат за утре. Сообраќајните експерти тврдат дека од преминот на Турско-бугарската граница до местото на трагедијата, возачот не ги прекршил сообраќајните правила...

Бугарските истражни органи се пред сериозен предизвик. Треба да спроведат истрага и вештачења што точно се случило на делница од автопатот „Струма“. Остатоците од опожарениот автобус на „Беса транс“ се отстранети од местото на несреќата, но не стивнуваат претпоставките за незгодата и за пожарот во автобусот. Истрагата треба да одговори-дали автобусот со десната страна удрил во оградата пред да се случи одреден проблем, предизвикан од човечки, технички и сообраќаен фактор, или потоа. Во истрагата со дел од информациите треба да помогне и македонското обвинителство. Според бугарските експерти, можни се повеќе причини за трагедијата. Според информации од извршната агенција „Автомобилска администрација“, од граничниот премин „Капитан Андреево“ до местото на несреќата, не биле регистрирани прекршувања на сообраќајните правила од автобусот.

Се истражува и точната траекторија на движење. Од граничниот премин до местото на несреќата, растојание од 304 километри, возачот го поминал за 4 часа и 51 минута. Европската нормативна легислатива е прецизна во тоа по колку поминати километри треба да се направи одмор.

Според Здружението „Автотехнички експерти за безбедност на патиштата“, знакот кој укажувал на исклучување за паркинг-островот бил погрешно поставен и недоволно осветлен. Една од можните причин за несреќата може да биде и недоволното осветлување на заштитната ограда,

Градоначалникот на Перник се согласува дека делницата е опасна, но вели дека многу често возачите ги преценуваат можностите на превозните средства што ги управуваат, па откако ќе се случат вакви трагедии почнуваме да ги бараме причините.

Македонското Министерство за транспорт и врски соопшти дека превозникот вршел меѓународен превоз без извод од лиценца за конкретното возило.

Милчо Велески