Автобуска несреќа во Бугарија

Студеничани и Чаир во жалост

24.11.2021 12:58

Градоначалникот на Студеничани ќе бара истрагата да оди до крај и да се најдат причините за стравичната трагедија. 20-мина од загинатите во автобуската несреќа се од оваа општина. Од Чаир официјално има 16 загинати во несреќата, но според градоначалникот има и повеќе жртви кои живееле во Чаир, но имаат адреси во други општини...

Тивко е во Студеничани, улиците празни, атмосферата траорна. Денови на жалост во спомен на загинатите. Од оваа општина беа најголем дел од жртвите во автобуската несреќа во Бугарија.

Во страотната несреќа настрадаа 10 лица кои се од исто семејство од селото Моране, Општина Студеничани. Осум од нив биле деца.

Сите жители се познаваат меѓу себе. Со солзи во очи раскажуваат за трагедијата. Меѓу загинатите има и од селата Моране и Количани.

Со ништо на светот не може да им се надополни загубата на семејствата, вели градоначалникот на Општина Студеничани, Азем Садики. Свика вонредна седница на Советот.

16 лица од настраданите се од Општина Чаир. Градоначалникот Висар Ганиу најави дека средствата наменети за новогодишно осветлување ќе ги пренамени за семејствата на загинатите.

Знамињата во земјава, но и во соседна Бугарија се спуштени на половина копје.

Александра Спировска