Пандемија

Состојбата со Ковид-19 алармантна, болниците се полнат

24.11.2021 13:25

Светот сѐ уште во борба со пандемијата од Ковид-19. Позитивните случаи во светот секојдневно рушат рекорди. Алармантна е состојбата и во стариот континент. Од СЗО предупредуваат до март идната година во Европа и во делови од Азија од Ковид-19 би можело да починат уште 700 илјади луѓе...

Лекарите се подготвуваат за нов прилив на пациенти со коронавирус. Потврдените случаи во светот секојдневно рушат рекорди. До март идната година во Европа и во некои делови од Азија би можело од Ковид-19 да починат уште 700.000 луѓе, предупреди СЗО.

„Се повеќе млади луѓе завршуваат на интензивна нега. За нив времето на лекување е значително подолго и ги блокира креветите на одделот кои потоа не ни се достапни за грижа на други пациенти“, изјави д-р Уве Јансенс- раководител на интензивна нега во болница во Германија.

Јужна Кореја бележи рекорден број на новозаразени со Ковид-19. Тамошната агенција за контрола и превенција на болести извести дека е можно воведување план за итни случаи доколку капацитетите на интензивна нега надминат 75 проценти пополнетост. Во Јужна Кореја целосно се вакцинирани 79,1 насто од 52 милиони жител.

„Наш приоритет е да ги вратиме способностите за медицински одговор како што се креветите за интензивна нега во пошироката област Сеул“, вели Ким Бу-Кјум, премиер на Јужна Кореја.

Во САД, десетици милиони Американци се очекува да патуваат за време на Денот на благодарноста и покрај речиси рекордните цени на бензинот, преполните аеродроми и зголемените случаи на Ковид-19 во многу региони.

„Ние сме сертифицирани, без ковид и целосно вакцинирани затоа што патуваме во Канада, а тие бараат секакви документи“, изјави Питер Титус, патник.

Нов Зеланд ја објави стратегијата за олеснување на ограничувањата за патување. Целосно вакцинираните ќе треба да имаат негативен тест пред да патуваат за Нов Зеланд, а по пристигнувањето мора веднаш да се тестираат за Ковид-19.

„На целосно вакцинираните Новозеланѓани ќе им биде полесно да се вратат дома од јануари, а странските државјани ќе можат да влезат во земјава од 30-ти април. Го отстрануваме условот за изолација и карантин, но ќе има внимателно управувани процеси за неодамнешните пристигнувања“, вели Крис Хипкинс- министер за одговор на Ковид-19 во Нов Зеланд.

Масовната имунизација против Ковид-19 требаше да го спречи зимскиот бран, но скептицизмот кон вакцините и натаму е главен предизвик на властите и медицинските лица.

 

Маријана Димовска