Македонија

Родители на првачиња во Прилеп бараат соодветни училници

24.11.2021 13:41

Родителите на првачињата во прилепското училиште „Блаже Конески“ реагираат и бараат соодветни училници, според критериумите и настава во две смени за децата. Училиштето вели дека разговарале за проблемот и решението го нуди во второто полугодие...

Поголеми училници што ќе ги задоволат критериумите за настава, особено во ова пандемиско време и настава во две смени, бараат родителите на првачињата од прилепското основно училиште „Блаже Конески“. Во две од трите паралелки има по 31, а во една 32 ученика што е повеќе од максимумот до 30 ученици. Едната просторија ги задоволува критериумите, другите две се мали.

Училиштето е единственото во 10-те прилепски кое годинава има зголемен број првачиња. Според директорката, проблемот ќе се реши во второто полугодие за што е разговарано со родителите и бара нивно трпение. Двете помали училници кои пред години биле создадени од едната, ќе се спојат и ќе се работи во две смени.

Според Центарот за јавно здравје, состојбата во прилепските училишта моментално е стабилна. Изминатата недела има седум позитивни ученици, а 31 во изолација.

 

Елизабета Митреска