Судска медицина

Станков: Идентификацијата на починатите треба да заврши до следната недела

24.11.2021 14:28

Во тек се обдукциите на телата на починатите кои најверојатно ќе завршат до вечерва, вели за МРТ првиот човек на Судска медицина, Александар Станков. Шефот на македонскиот тим вели дека со соодветна метода ќе бидат успешно идентификувани жртвите. Се надева дека до следната недела сѐ ќе биде завршено...

Во тек се обдукциите на телата на починатите кои најверојатно ќе завршат до вечерва, вели за МРТ првиот човек на Судска медицина, Александар Станков. Во Институтот во Скопје се земаат примероци и се изработуваат ДНК профили на нивните живи сродници. Материјалите ќе бидат пратени во Бугарија, каде ќе бидат споредени со ДНК профилите на починатите.

Иако телата се опожарени, и тоа ја усложнува целата постапка, сепак шефот на македонскиот тим вели дека со соодветна метода ќе бидат успешно идентификувани жртвите.

Динамиката на работа зависи од бугарската страна, но Станков се надева дека до следната недела сѐ ќе биде завршено.

Во стравотната трагедија починаа 45 македонски државјани, од кои 12 деца. Најмладите се две четиригодишни близначиња.

Фиљана Кока