Македонија

Инспектори во „Беса транс“, на „Деве Баир“ се истражува кој го пуштил автобусот без лиценца

24.11.2021 14:47

Откако се утврди дека автобусот на „Беса транс“ немал извод од лиценца, инспекторатот за транспорт врши вонреден инспекциски надзор кај превозникот. Директорот Хисени вели- според законот секој автобус мора да поседува извод. Додава дека е нејасно како возилото успеало да ја мине границата без документот. Од Царинската управа соопштија дека се проверува можната одговорност на цариниците од граничниот премин „Деве Баир“...

Инспекторатот за транспорт отвори налог за вршење вонреден инспекциски надзор во „Беса транс“. Оттаму велат дека наредните денови ќе се чешла компанијата - ќе се утврдува колку автобуси имаат лиценца, дали за вработените се почитувал законот. Директорот Хусеини вели дека според Законот, секој автобус треба да поседува извод од лиценца, па реагира дека и нему му е нејасно како возилото поминувало граници. Тој прстот го впери кон Царинската управа.

Од Царинската управа соопштуваат се проверува можната одговорност на цариниците од „Деве Баир“.

„Секторот за професионална одговорност на Царинска управа е на ГП Деве Баир со цел детално да се изврши контрола на постапувањето на превозникот и царинските службеници, согласно надлежностите пропишани со Законот за превоз во патниот сообраќај на денот на излез на предметниот автобус. Предмет на контрола е и постапувањето за конкретниот превозник и возило и во претходниот период на истиот граничен премин“, се вели во соопштението.

Хусеини вели дека одземањето на лиценцата ќе следи по завршување на надзорот, доколку се утврдат недоследности во работењето на „Беса транс“.

Опожареното возило на „Беса транс“ го нема во електронската база на податоци на Министерството за транспорт и врски. Последната техничка проверка била направена на 5-ти октомври годинава.

Дијана Ценевска