Регионална соработка

„Отворен Балкан“: Мора да покажеме дека можеме да соработуваме

24.11.2021 18:00

„Не смееме да дозволиме да бидеме слепа улица на ЕУ. Мораме да покажеме дека можеме да соработуваме“, оцени вицепремиерот Димитров на видео-конференцијата за иднината на иницијативата „Отворен Балкан“ во Белград. Албанскиот премиер Рама со став - не можеме да ја чекаме ЕУ да ги исполни ветувањата и затоа одлучивме да се здружиме во иницијативата.

Со едноминутен молк во знак на почит за жртвите од автобуската несреќа во Бугарија, денеска во српското Народно собрание во Белград се одржа конференцијата „Отворен Балкан - Пат кон стабилизација, соработка и просперитет на регионот“, на којшто онлајн обраќање имаше вицепремиерот Никола Димитров, заедно со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама и специјалниот претставник на САД за Западен Балкан – заменикот помошник секретар Габриел Ескобар.

„Регионалната соработка во рамки на иницијативата Отворен Балкан не е алтернатива на европската интеграција, напротив таа е во функција на европската интеграција. Меѓутоа, ефектот на одложување има силно влијание врз нашата внатрешна политика и го прави уште поголем предизвикот да се задржи европскиот курс. Дури и без пристапните преговори или со нивна намалена динамика од аспект на приближување кон ЕУ, ние мораме и понатаму да работиме за да ги реализираме европските стандарди и вредности“, изјави вицепремиерот Димитров.

Во врска со приклучувањето на останатите земји во оваа иницијатив, Димитров оцени дека целиот регион страда од синдромот на „имплементирачка болест“.

„Ова прашање на убедување на другите, мислам дека два збора со кои може да се направи тоа се успешни резултатиШто повеќе резултати овозможиме, толку поочигледно ќе стане за другите дека е вредно да се приклучат, а за да биде успешна оваа иницијатива мора да остане отворена, и е отворена за сите заинтересирани“, рече Димитров.

Американскиот заменикот помошник секретар Габриел Ескобар изјави дека Соединетите Американски Држави ја поддржуваат иницијативата „Отворен Балкан“, но веруваат дека оваа иницијатива нема да биде целосна без вклучување на сите шест економии од Западен Балкан.

„Покрај тоа, важно е овие три земји што ја покренаа иницијативата да бидат многу отворени и да разговараат тесно со другите три партнери кои се скептични. Без шесте земји, оваа иницијатива не може да успее“, нагласи Габриел Ескобар, заменик помошник секретар на САД.

Премиерот на Албанија, Еди Рама изјави дека Албанија, Србија и Северна Македонија се одлучиле за иницијативата „Отворен Балкан“, бидејќи веќе не можат да ги чекаат ветувањата од ЕУ, а српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека за Србија, покрај основниот надворешнополитички приоритет на европската интеграција, подеднакво се важни и регионалната безбедност, стабилност и просперитетен регион, што го носи иницијативата „Отворен Балкан“, додавајќи дека е многу важно да се постигнат целите на иницијативата за слободно движење на луѓе, стоки и работна сила во регионот.

 

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ