Десетици мигранти загинаа откако се преврте чамец во Ла Манш
Меѓу жртвите има и пет жени, од кои едната била бремена. Две лица се спасени со крајно намалена телесна температура, едно се уште се води како исчезнато.

Девојче е едно од 27-те мигранти кои се удавија во водите на Ла Манш, откако гумениот чамец се превртел при препловувањето на каналот од Франција кон Велика Британија. Меѓу жртвите има и пет жени, од кои едната била бремена. Две лица се спасени со крајно намалена телесна температура, едно се уште се води како исчезнато.
„Беше драматично во морето. Телата лебдеа, беше многу шокантно. Ги извлековме сите луѓе. Меѓу нив, за жал и една бремена жена“, изјави Чарлс Девос, регионален менаџер, здружение за спасувачи.
Заедничката спасувачка операција на Франција и Велика Британија заврши со меѓусебни обвинувања. Францускиот претседател Макрон ги повика властите во Лондон да престанат да ја политизираат мигрантската криза за политички цели. Во соопштението од Елисејската палата се вели дека двете земји се согласиле да ги засилат напорите за мигрантскиот бран, но меѓусебно продолжуваат со обвинувањата за недоволен ангажман.
„Ресурсите коишто Обединетото Кралство и ги нуди на Франција се минимални во споредба со нашите кои се на располагање за распоредување повеќе полицајци, жандарми и камери“, изјави Жералд Дарманин, министер за внатрешни работи на Франција.
„54 милиони фунти од Обединетото Кралство за помош при патролирање на плажите, сета техничка поддршка што ја дававме, не беа доволни. Ќе ја зголемиме нашата поддршка, но само доколку работиме заедно со нашите засегнати партнери. Тоа е нешто што се надевам ќе биде прифатливо. Ги повикувам нашите француски пријатели, и европски партнери да работиме заедно за да ги разбиеме овие банди кои буквално се извлекуваат со убиство“, изјави премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон.
Ова прашање дополнително ги затегна и онака напнатите односи по Брегзит меѓу двете земји, поради спорот за правата за риболов, кој исто така се уште е нерешен, како и Северна Ирска. Повеќе од 25 илјади луѓе годинава илегално го минале каналот, што е тројно поголема бројка во однос на лани. За најновиот инцидент, четири лица се уапсени и обвинети за поврзаност со криумчарењето мигранти.
Бојана Крстевски
