Бугарија не отстапува од својата позиција
Бугарија нема да отстапи од својатa позиција за Северна Македонија, тврди техничкиот премиер Јанев. Европските партнери во Брисел веќе даваат позитивни сигнали и само треба повеќе време за да ја разберат тезата за Бугарија, рече Јанев во интервју за БНТ...

Бугарија не отстапува од својатa позиција за старт на преговорите на Македонија во декември. Техничкиот премиер Јанев тврди дека европските партнери во Брисел веќе даваат позитивни сигнали и само треба повеќе време за да ја разберат тезата за Бугарија. Станува збор за бугарски национални интереси, како и за основните европски правила за правата на граѓаните на ЕУ, вели привремениот бугарски премиер во интервју за БНТ.
А бугарскиот претседател Радев очекува билатералниот дијалог со Македонија да доведе до конкретни резултати. Ова го потенцирал во телефонскиот разговор со Вархеји, по иницијатива на еврокомесарот за добрососедство и проширување.
„Бугарија е отворена за дијалог, му постави јасни прашања на својот југозападен сосед и очекува одговори, но и реална реакција од Република Северна Македонија“- потенцирал Радев.
Според бугарскиот претседател, агендата на билатералните односи меѓу Софија и Скопје не треба да биде предмет на надворешни влијанија, туку отворена со посветеност и од двете страни, со што би се придвижил процесот на евроинтеграција на земјава.
Шефот на бугарската држава уште еднаш го истакнал почитувањето на правата на граѓаните кои отворено ги демонстрираат својот бугарски идентитет, одржливото искоренување на говорот на омраза и почитувањето на бугарската историја и културното наследство во Република Северна Македонија, велат од неговиот кабинет.
Останатите земји-членки предупредуваат дека во прашање е доведен кредибилитетот на Унијата и на проширувањето, па затоа е потребно до крајот на словенечкото претседателство и официјално да почнат преговорите со Македонија и Албанија.
На 14-ти декември е последниот совет на ЕУ, до кога поради роковите речиси е извесно дека источниот сосед нема да добие политичка влада.
Милчо Велески
