Македонија

Стабилна состојбата со Ковид-19 во старскиот дом во Куманово

26.11.2021 13:15

Стабилна е состојбата со Ковид- 19 во домот за стари лица во Куманово. Установата во моментов ја користат 140 штитеници. Се работи согласно протоколите, посетите се забранети. Повеќето од корисниците се имунизирани.

Состојбата со коронавирусот во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово е стабилна. Позитивни на вирусот нема, а се работи согласно протоколите. Посетите периодов повторно се забранети. Корисниците може да се сретнат со своите блиски само во дворот, но секојдневно контактираат преку онлајн алатките. Надлежните информираат дека над 90 проценти од корисниците се имунизирани со две дози, а во моментов се спроведува и вакцинцијата за сезонски грип.

„Беше навистина напорно, стресно, да се контролира сето тоа имавме и влез на ковид во самата установа, но за среќа на сите не направи поголема штета“, изјави Дејан  Стојановски, директор на Дом за стари лица „Зафир Сајто“ Куманово.

Позитивни на Ковид- 19 во домот за стари лица во Куманово беа 20-ина лица, повеќето штитеници, но и вработени. По компликации од вирусот починаа 4 корисници.

Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово во моментов го посетуваат 140 корисници иако капацитетите се 180. Надлежните од „Зафир Сајто“ информираат дека бројката се намалила, бидејќи дел од роднините одлучиле во време на пандемија да ги повлечат дома своите блиски. Но, очекуваат тоа да се промени откако ќе ги стават во функција реновираните објекти.

Установата со сопствени средства во моментов целосно реконструира 17 соби.

„Во последните три и пол години постојано вложуваме во капацитетите, подобрување на условите меѓутоа тоа сепак е градба од 1980 година“, дополни Стојановски.

Корисниците велат дека се задоволни од условите во домот.

„Јас сум задоволен, чисто е, културен свет, доаѓам од Штип“, вели 83-годишниот Стојан Трајчев, корисник во Домот за стари лица во Куманово.

„Јас сум една година овде, убаво е се, имам 91 година, презадоволен сум од се“, посочи Миле Мирчевски, корисник на домот.

Домот за стари лица во Куманово одамна не е само регионална установа. Престојуваат корисници од целата држава.

 

Елена Георгиевска