Превозници: Транспортот е безбеден, нелојалната конкуренција ги спушта цените
По исклучително ниски цени низа понуди и реклами за превоз на патници. Превозниците категорични - транспортот е безбеден, нелојалната конкуренцијата ги спушта цените. Лиценца мора да се има за меѓународен транспорт...

Екскурзии по исклучително ниски цени. За 5,5 евра екскурзија до Врање. Патување во Истанбул за 65 евра. Виекнд во Сараево за помалку од 100 евра. На социјалните мрежи низа понуди и реклами на превозници и туристички агенции.
Нелојалната конкуренција, повеќе од кога било е присутна во дејноста туризам и е закана за реалниот сектор. Ниската цена, не значи и небезбеден транспорт и аранжман, за МТВ велат превозниците. Во вакви ситуации се намалува нивната заработувачка.
Компанијата која организира меѓународен транспорт на патници мора да има лиценца издадена од Министерството за транспорт и врски, возилата да се лиценцирани, а возчите со сертификати. Но, ако некое превозно средство нема ваков документ, не значи дека технички е неисправно, велат нашите соговорници. Според нив, поголем проблем е дефицитот на професионални возачи.
Доколку не се поседува потребната документација, по закон не може да се премине граница. На влез се прават двојни контроли. Но сепак, во јавноста се потврди дека се користат низа механизми за да се заобиколат процедурите, доказ се и суспендираните цариници кои дозволиле на автобусот со кој се случи сообраќајната несреќа да ги мине контролите без целосна докуметација.
Анита Димитријевска Велковска
