Бугарски обвинители во Скопје треба да ги преземат ДНК- примероците за идентификација на жртвите
Бугарскиот заменик-главен обвинител Сарафов вчера соопшти дека аутопсиите покажуваат оти сите загинати во автобуската несреќа починале од задушување, а не од ударот. Продолжуваат испитувањата и анализите на автобусот, кои треба да дадат одговор за причините и начинот на избувнување на пожарот, како и сообраќајната анализа за причините за кои автобусот ја напуштил патеката на движење.

Екипа од Бугарското државно обвинителство денеска треба да пристигне во Скопје за подигање на изработените ДНК-профили од роднини на настраданите во автобуската несреќа, што ќе се искористат за идентификување на починатите. Според бугарските медиуми, шест истражители од Националната истражна служба и тројца обвинители од подрачното обвинителство во Перник работат на предистражната постапка.
Бугарскиот заменик-главен обвинител Сарафов вчера соопшти дека аутопсиите покажуваат оти сите загинати во автобуската несреќа починале од задушување, а не од ударот.
Тоа значи дека биле живи во моментот на пожарот. Конечна проценка за причините за несреќата ќе треба да ја дадат финалните анализи, но водечка верзија во овој момент е човечка грешка како причина за несреќата, изјави Сарафов, додавајќи дека како можни причини за несреќата се разгледани, но категорично отфрлени и верзиите за терористички акт и за „туби со нафта“.
Сарафов посочи дека продолжуваат испитувањата и анализите на автобусот, кои треба да дадат одговор за причините и начинот на избувнување на пожарот, како и сообраќајната анализа за причините за кои автобусот ја напуштил патеката на движење. Не била отфрлена ниту верзијата за лошо обележување на патот, сигнализацијата и дали заштитната во која удрил автобусот придонеле за несреќата.
Во меѓувреме, седумтемина преживеани остануваат на лекување во болницата „Пирогов“ во Софија. Нивната состојба е добра. Здравствените власти размислуваат оние кои се со стабилна здравствена состојба да си одат дома кај своите најблиски.
