Земјоделство

Виновата лоза ќе страда од климатските промени

26.11.2021 10:20

Лозовите насади ќе мора да се селат повисоко на ридовите, каде што е постудено. Последното истражување на експертите во Македонија покажува дека климатските промени го менуваат земјоделството. Претоплото време во пониските региони кај грозјето предизвикува предвремено цветање што понатаму лошо влијае и го намалува квалитетот на виното.

Влијанието на климатските промени во лозарството се одразуваат и врз квалитетот и врз вкусот на виното.

Според истражувањата на Балканската фондација за одржлив развој и на Факултетот за земјоделство, виновата лоза поради климатските промени цвета порано за шест до 18 дена од вообичаеното па е неопходно да почне да се размислува и за нејзино одгледување на поголема надморска височина што е веќе практика во многу други земји.

Новиот тренд  што го зафаќа лозарството во светот е насадите да ја  менуваат и да се одгледуваат на повисока надморска височна. Наместо како  досега на околу 300 до 400 метри, лозјето треба да биде на повисоко каде што температурите се пониски, има попмалку врнежи и помали трошоци за наводнување.

Препораките на експертите за да се ублажи влијанието на климатските промени се насочени и кон модернизација на производството, користење нови технологии од страна на лозарите и на винарите, како и поставување нови метеоролошки станици на повеќе локации низ земјата кои ќе бидат користени и наменски и од пошироката јавност. 

Методија Трајков