Пандемија

Новата мутација на Ковид-19 во Јужна Африка е загрижувачка

26.11.2021 13:26

Откриени се првите 22 случаи, главно концентрирани во една провинција. Лекарите очекуваат дека ќе има и нови случаи на заболени.

Расте загриженоста во светот откако нова силно мутирана варијанта на вирусот е регистрирана во Јужна Африка. Откриени се првите 22 случаи, главно концентрирани во една провинција. Лекарите очекуваат дека ќе има и нови случаи на заболени.

„Првично изгледаше како да се работи само за вообичаени кластери, но од вчера имаме индикации од нашите колеги-научници од Центарот за геномски надзор, кои воочија нешто што изгледа како нова варијанта. Од досегашното искуство, речиси можеме да предвидиме дека заразата ќе се проширува, како што беше случај и со делта сојот“, изјави Јозеф Фахла, министер за здравство на Јужна Африка.

Според Центарот за епидемија и иновации во земјата, вирусот со генеричко име Б.1.1.529 е многу поразличен од останатите варијанти што циркулираат, но тоа е и очекувано- вели директорот на центарот.

„Една работа што ја знаеме за мутациите е дека тие не само што мора да се појават, туку очекувано е да бидат и многу посилни поради супер- распространетоста, и тоа е нормално. Секој што се инфицира со вирусот што го пренесува има и одреден број на преноси врз населението. Тоа е она на коешто треба да се фокусираме во моментов, а не на потеклото на варијантите“, рече Тулио Де Оливеира, директор на Центарот за одговор на епидемијата.

Експертите работат со сите воспоставени системи за да ги откријат можните потенцијални импликации. На прв поглед, ситуацијата загрижувачка.

„Знаеме многу малку за оваа варијанта во однос на нејзиното однесување, но, можеме да направиме некои екстраполации врз основа на мутациите што ги гледаме, тие не се факти, но, ако ја погледнете оваа конкретна варијанта, таа има карактеристики и мутации на сите други претходни четири варијанти, што на прв поглед е загрижувачки. Ги има двете карактеристики кои најмногу не плашеа- висока преносливост и одредено ниво на имуно-бегство“, рече Салим Абдул Карим, Советодавен комитет на Јужна Африка за Ковид-19.

Поради малку јасните одговори, Велика Британија веќе воведе нови ограничувања.

„Засега немаме откриено ниту една нова варијанта, но сме претпазливи и затоа шест јужноафрикански земји ќе ги додадеме на црвената листа за патувања“, соопшти Саџид Џавид, секретар за здравство во Обединетото Кралство.

Во меѓувреме, Светската здравствена организација свика итен вонреден состанок за новиот загрижувачки сој на коронавирус.

 

Бојана Крстевски