Француската влада поднесе оставка
31.03.2014 19:06
Oставката на француската Влада беше очекувана по катастрофалните резултати на владејачките социјалисти на локланите избори...

Од седиштето на француската влада – Матињон, беше соопштена оставката на премиерот Жан-Марк Ејро и на неговата влада, јавува дописникот на МРТ од Париз. Како можен наследник на Жан-Марк Ејро се споменува името на министерот за внатрешни работи Мануел Валс.
Оставката на француската влада се очекуваше по катастрофалните резултати на социјалистите на минатонеделните општински избори.
Вториот круг на локалните избори во Франција помина со масовно отсуство на избирачите, вчера гласаа само 63,7% од гласачите. Притоа левицата изгуби 155 градови со над 9000 жители.
Некои од изгубените градови од страна на левицата се симболични, како Тулуз или Лимож кој беше раководен од социјалистите од 1912 година. Сант Етиен и Ремс исто така поминаа во рацете на десницата – УМП, додека зачувувањето на Париз, Лил, Стразбур и Дижон и освојувањето на Дуе, Авињон и Лурд, не го ублажуваат поразот на владаечката коалиција.
Париз добива за прв пат една жена како градоначалник, а тоа е Ан Идалго од редовите на социјалистите потпомогната од партијата на Зелените предводена на изборите во Париз од Кристоф Најдовски, кој има македонско потекло.
Тоа што загрижува помалку од два месеци пред европските избори е што крајно десничарскиот Национален Фронт освои 15 градови. Испитувањата на јавното мислење покажуваат дека на идните европски избори, партијата на Марин Ле Пен очекува да освои околу 22% од гласовите, веднаш зад УМП со 24% и пред социјалистите кредитирани со 19% од намерите на гласачите.
Премиерот Жан-Марк Ејро го призна неуспехот на владата и ја презеде одговорноста за лошите резултати на левицата, кои според него се „колективни“.
Вечерва во 20 часот на французите ќе треба преку радиото и телевизијата да им се обрати претседателот Франсоа Оланд.
Тони Гламчевски
