Автобуска несреќа во Бугарија

Уште тројца од повредените во автобуската несреќа ќе бидат пренесени во земјава

29.11.2021 09:00

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, пак, вчера изјави дека се очекува останките од телата на починатите да пристигнат оваа недела.

Уште тројца од повредените македонски патници во автобуската несреќа во Бугарија се очекува да пристигнат денеска, откако двајца во саботата беа хоспитализирани во Универзитетскиот Клинички Центар „Мајка Тереза” во Скопје.

Како што информираше министерот за здравство, Венко Филипче, двајцата се стабилни, со полесни повреди и ќе бидат задржани на лекување на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.

Хоспитализираните пациенти во Скопје се пациентка на 17 годишна возраст и пациент на 49 годишна возраст, повредени во автобуската несреќа што се случи на автопатот „Струма” во Република Бугарија при која преживеаја седуммина од вкупно 52 патници.

Пациентите ќе бидат задржани на опсервација и согласно тоа колку време треба да останат, ќе бидат хоспитализирани, по што ќе се направи проценка да се испишат на натамошен домашен третман, изјави Филипче во саботата, кој додаде дека пристигнале колегите од психијатрија со цел да се даде и психолошка помош.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, пак, вчера изјави дека се очекува останките од телата на починатите да пристигнат оваа недела.

Во несреќата што се случи рано изутрина на 23-ти ноември на автопатот „Струма“, загинаа 45 лица. Според бугарските истражители, жртвите починале од задушување откако автобусот се запалил, а најверојатна причина за несреќата е човечка грешка.