Завршува есенската сеидба
Завршуваат оптималните рокови за сеидба на пченицата. Доаѓаат постудени денови, особено во утринските часови кога се прогнозира температурите да бидат од минус 1 до минус 6 степени, кои се вообичаени за овој период од годината. Од друга старна пак, ова е во корист на овоштарите бидејќи ваквите услови се идеални за подготовка на површините каде што треба да се подигнат новите насади.

Подолгиот сушен период без врнежи завршува. Времето кое беше оптималното за извршување на есенската сеидба помина, а со тоа и рокови за успешен развој на пченицата, велат агрометеоролозите.
Оваа недела временските услови ќе се променат. Облаците прво ќе донесат повремен дожд, а потоа на некои места и провејување на првиот снег. Најпрво ќе обели повисоко на планините, а потоа ќе почне да се спушта и на пониските места.
Температурите во утринските часови ќе бидат негативни од -1 до -6, додека дневните нема да бидат повисоки од 11 или 12 степени.
Сепак, студот и врнежите што ни доаѓаат немаат да имаат некое поголемо значење за земјоделските култури и тие се вообичаени за крајот на ноември и почетокот на декември.
Единствената работа која останува и се препорачува овие денови е подготовка на површините за подигнување на нови овошни насади.
Исто така, влага во почвата има доволно и заедно со високата релативна влажност во воздухот се создаваат оптимални услови за примарната обработка на тутунот во домашни услови.
Методија Трајков
