Армија

Парични награди, пофалници и признанија за војниците кои учествуваа во гаснењето на пожарите

29.11.2021 11:59

Парични награди од 20 и 10 илјади денари, пофалници и признанија за војниците кои беа ангажирани во гаснењето на пожарите кои беснееја летоска. Покажавте дека сте вистински луѓе со принципи, интегритет и карактер, им порача министерката за одбрана Шекеринска. Армијата помагаше во гасењето на огнените стихии на 13 локации низ државава...

Ветеното на денот на Армијата, исполнето. Награди и признанија за припадниците кои учествуваа во гаснењето на пожарите кои летоска беснееја низ државата. По 20 илјади денари добија 14 лица од воздухопловниот Винг, по 10 илјади 274-ца од командата за операции, 10-мина од баталјонот за специјални операции и 12 од извидувачко- разузнавачкиот баталјон. Три дена отсуство можат да искористат 238, а пофалени беа 463 армиски припадници.

Покажавте дека сте вистински луѓе со принципи, интегритет и карактер. Во трката да се спаси секоја педа од нашата татковина, за среќа никој од вас не беше повреден, што беше најважно, рече министерката за одбрана Шекеринска. Знам дека она што го правевте и жртвата што ја преземавте, не ја правевте ниту за пари, ниту за пофалници, ниту пак, за слободни денови, туку поради Вашиот збор дека ќе служите и ќе сторите се за да ја заштитите државата и да ги одбраните нејзините луѓе.

Шекеринска додаде дека неспорен е фактот оти никој не помислил да ја предаде обврската на некој друг, да остане со своето семејство и да замижи пред заканата кон граѓаните.

Со едноминутно молчење им беше оддадена чест на загинатите во автобуската несреќа во Бугарија.

Милчо Велески