Омикрон: Вирусот се шири, границите се затвораат
Светот стравува од новиот сој на Ковид-19, наречен Омикрон. Утре и Јапонија ги затвора границите за странските посетители. Случаи на заразени со Омикрон во Европа, регистрирани и во Велика Британија, Германија, Австрија и во Италија...

Расте вознемиреноста на стариот континент, сѐ повеќе европски земји пријавуваат нови случаи заразени со мутираниот сој – Омикрон. По Велика Британија, Германија и Италија, и во Австија потвден мутираниот вирус кај државјанин кој се вратил од патувње во Африка. СЗО излезе со конкретни детали и упатства на државите за справување со новиот сој, кој пред само неколку дена беше откриен.
„Омикрон има невиден број на мутации, од кои некои се загрижувачки поради нивното потенцијално влијание на текот на пандемијата. Првата препорака до државите е организирање на приспособливи мерки за меѓународно патување“, стои во соопштението на СЗО.
Голем број европски држави веќе ги заострија мерките и ја додадоа Јужна Африка на црвената листа. Неколку случаи се веќе забележани и во Австралија и Канада.
„Постојат дополнителни активности што сега ги презема австралиската влада за да ги разгледа доказите во однос на Омикрон и да преземеме дополнителни чекори. За среќа ние сме една од земјите во светот после Израел, која има целосно вакцинирана нација“, изјави Грег Хант, министер за здравство на Австралија.
И покрај високата стапка на вакцинираност, Израел ги затвори границите, потоа и Мароко, а сега и Јапонија. Од утре ниеден странец нема да може да ја посети оваа земја.
„Свесен сум дека ова ограничување е построго отколку во другите земји. Ја повикам нацијата на смиреност. Најдобро е да бидеме дополнително внимателни кога се справуваме со мистериозен вирус“, изјави Фумио Кишида, премиер на Јапонија.
Забрани за патување во и од Јужна Африка воведува и администрацијата на Бајден. Американскиот експерт за заразни болести Ентони Фаучи, со објаснување - целта е да се купи време.
„Профилот на мутацијата силно сугерира дека таа ќе има предност во преносливоста и дека може да ја избегне имунолошката заштита што би ја добиле од вакцината. Затоа, забраните за патување ви даваат време да се подготвите“, изјави д-р Фаучи, директор на Националниот институт за заразни болести во САД.
Итен состанок за новонастанатата состојба со мутираниот вирус, одржуваат и министрите за здравство на земјите од групата Г-7.
Бојана Крстевски
