Имунизација

Неостварлив е предлогот на Филипче, велат од Здружението на приватни лекари

29.11.2021 13:53

Приватните лекари во државава, преку нивното здружение, реагираат по предлогот на министерот за здравство, Венко Филипче. За нив е неприфатливо матичниот лекар да биде награден со 30 денари по пациент откако ќе надмине 70 насто на вакцинација од вкупниот број пациенти...

Приватните лекари на Македонија, преку нивното здружение реагираат на предлогот на Министерот за здравство, Венко Филипче, преку нив да се подигне опфатот за имунизација против Ковид-19 во земјава. За нив е неприфатливо матичниот лекар да дели совети, па откако ќе надмине 70 отсто на вакцинација од вкупниот број пациенти, да биде награден со 30 денари по пациент.

„Неостварлив е предлогот. Ние во нашето здружение имаме и педијатри, имаме и доктори со многу возрасани пациенти. Оние доктори кои имаат пациенти од 0 до 5 години оваа стимулација кај нив не може да се раеализира“, вели д-р Лили Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари.

Досегашното искуство во обидите да се подигне свеста за вакцинација често завршувале со неуспех. Таквите настојувања кај пациенти минувале со контра ефект, тие се испишувале од кај матичните лекари. Објаснуваат дека имаат бројни пациенти кои не можат да бидат опфатени со вакцинацијата.

„Сите кои што можеа да примат вакцина, примија и го реализираа тоа што го бара општеството, но имаме пациенти кои после прва доза не се чувствуваат добро, имаме пациенти со автоимуни заболувања кои во овој момент не можат да примат вакцина“, вели д-р Чолакова Дервишова.

Според Министерот Филипче, на неговата денешна прес- конференција тој кажа ова би бил еден вид бонус за матичните лекари и досега ниту еден од нив, кој изразил несогласување со ова мерка, не му се јавил лично да му каже. За донесување на оваа одлука ќе се разговарало на утрешната владина седница.

 

Петар Печков