Ковид-19

Вакцините најверојатно ќе штитат и од новиот сој- Омикрон

29.11.2021 14:28

Нашето единствено оружје се вакцините, без разлика за кој сој станува збор, вели д-р Теодора Брњарчевска, од Институтот за имунобиологија. Потенцира, и кога е во прашање новиот сој, Омикрон, вакцините би требало да штитат, но колку ќе бидат ефикасни сѐ уште не е испитано. Се следи ситуацијата со новиот сој, остануваме со мерките кои се во сила- заклучок од состанокот на Комисијата за заразни болести...

Постојните вакцини против Ковид- 19 очекувано е да дадат задоволително ниво на заштита и против мутациите на новиот сој на вирусот. Колкава ќе биде заштитата, имунолозите дополнително ќе истражуваат. Треба да разгледаат повеќе аспекти, каде се ширел вирусот и дали популацијата била вакцинирана.

„Од она што претходно го знаеме, можеме да направиме некои статистички предвидувања и модели како би се ширел овој нов сој на вирус. Се претпоставува дека ќе имаат заштита, но колкава ќе биде таа во бројки се уште не можеме да зборуваме, бидејќи е многу рано за тоа. Секако, со оглед на мутациите кои се појавени со овој сој на вирусот, се претпоставува дека вакцините ќе имаат задоволително ниво на заштита“, изјави Теодора Брњарчевска, лекар од Институтот за имунологија и хумана генетика.

Пред налетот на новата варијанта – Омикрон, која се појави во Јужна Африка и во некои европски земји, Комисијата за заштита од заразни болести засега не препорачува дополнителни мерки на превенција од зараза, но и натаму се инсистира на зголемен опфат со вакцинација.

Сметам дека рестрикција во однос на затворање на граници или карантизирање на патници нема да даде резултат и досега видовме дека кога има нов сој не може да се спречи, така што остануваме со овие мерки кои сметам дека се добро димензионирани“, изјави министерот Филипче.

Филипче уверува - епидемиолошката состојба е стабилна. Во последнава недела за 5 насто се намалил бројот на новодијагностицирани случаи, а има и повеќе слободни кревети во болниците.

 

Анита Димитријевска Велковска