Стопанска комора: Ново затворање би било погубно
Дел од бизнисите немаат повеќе резерви за да преживеат. Не можат да издржат уште еден „лок даун“, велат од Стоапнската комора. И со синдикатите и со Владата се бараат најдобри решенија за да се сочува здравјето на вработените, но и кондицијата на стопанските субјекти...

Стопанската комора нема да дозволи проблемот со вакцинирање, односно тестирањето на вработените да ги загрози процесите на економско заздравување. И со синдикатите и со Владата се бараат најдобри решенија за да се сочува здравјето на вработените, но и кондицијата на стопанските субјекти, изјави извршниот директор на Стопанската комора Антони Пешев. Ново затворање би било погубно, едноставно дел од бизнисите немаат повеќе резерви за да преживеат.
„Нашите фирми не можат да издржат уште еден ’лок даун’. Синдикатот побара еден ден слободен после вакцинирање, за тоа може да разговараме, не е неприфатливо. Државата да обезбеди тестови по пониски цени, за да се намалат трошоците за граѓаните што не сакаат да се вакцинираат, но и за фирмите“, изјави Антони Пешев, извршен директор на Стопанската комора.
Што се однесува до енергетската криза, Стопанската комора се обидува на секој можен начин да им помогне на компаниите членки што се соочија со откажување на договорите од страна на снабдувачите и скокот на цената на струјата за 5 до 7 пати. Според Пешев, некои членки прифатиле да помогнат во набавка на мазут за рестартирање на ТЕЦ Неготино и преземање на струја за нивни потреби, како и некои домашни банки, со што би се обезбедила електрична енергија по прифатливи услови во однос на берзанската цена.
„ТЕЦ Неготино би проработела во почетокот на декември, државата ја презеде обврската да обезбеди мазут, а вишокот на струја би го презеле компаниите преку ЕСМ и нејзината фирма“, рече Пешев.
Стопанската комора иницирала работна група што ја следи енергетската кризна состојба и веќе е побарано одобрение за регистрирање фирма преку која би им се помогнало на компаниите околу евентуален увоз на струја.
Не е целта Комората да се бави со она што не е нејзина примарна улога, но ќе направи сѐ за да им излезе во пресрет на компаниите членки и да помогне во надминување на предизвиците околу недостигот и високата цена на струјата, појасни Пешев.
Свето Николовски
