ЕУ СО ТЕБЕ

Климатските промени нѐ засегаат сите и нé обврзуваат подеднакво

29.11.2021 16:09

„Не постои резервна планета“ е слоганот на новата кампања „ЕУ со тебе“. Ја промовираа евроамбасадорот Гир и вицепремиерот Димитров. Целта е да се подигне свеста, за да се постигне нула емисии на стакленички гасови до 2050 година. ЕУ секоја година ќе наградува по една општина за имплементација на зелената агенда...

Климатската промена е факт, а и нејзините последици кои ќе станат сѐ потешки и сложени и ќе влијаат на секој дел од планетата. Треба да делуваме веднаш и глобално. Зелениот договор е повеќе од само една политичка лекција и се состои од практични акции и дејствија коишто сите треба да ги имплементираме и постојните и идните земји членки. Ова го истакна шефот на Делегацијата на Европската Унија во државава, Дејвид Гир на денешната промоција на новата кампања „ЕУ со тебе“ фокусирана на Европскиот зелен договор, која симболично беше замислена да започне во пет до 12 часот.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров истакна дека суштинска кампања за зелениот договор, е едно од оние прашања околу кои мораме политички да се надраснеме и да делуваме заедно.

Крајните цели на Зелениот договор се декарбонизирање на нашите економии. Ова е суштински кога станува збор за олеснување и ублажување на последиците од климатските промени.

Слоганот на новата кампања на ЕУ е „Не постои резервна планета“, а целта е да ја подигне свеста за Европскиот зелен договор и неговата клучна цел – да достигне нето нула емисии на стакленички гасови до 2050 година, со што Европа ќе стане првиот климатски неутрален континент.

Катерина Топалова