Политика

Заев- Гаши: Постигната начелна согласност за програмските аспекти од можната соработка

29.11.2021 19:17

Заврши средбата Заев-Гаши во Клубот на пратеници. Сакаме Влада која до 2024 година ќе ги отвори преговорите со ЕУ, порача лидерот на Алтернатива. Постигната начелна согласност за програмските аспекти од можната соработка. Во тек се консултации околу кадровските решенија и позиции за одговорностите кои треба да се преземат пред граѓаните, соопштија од Владата. Премиерот Заев средбата ја оцени како конструктивна.

По средбата на премиерот Заев со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши на која се договара можен влез на Алтернатива во Владата и за окрупнување на мнозинството, двајцата соговорници не сакаа да одговараат на новинарските прашања. Само премиерот Заев кусо одговори - имавме конструктивна средба, а за повеќе детали од средбата тој се повика на соопштението од Владата.

На средбата била постигната начелна согласност за програмскиот дел од можната идна соработка изразена преку политичко и извршно учество на Алтернатива во Владата. Соговорниците биле согласни дека реформскиот и европскиот курс за кои се определени граѓаните и државата мора да продолжат и дека во овие моменти најважна е стабилноста на институциите на државата кои им служат на граѓаните. На тој начин, како што се вели во соопштението, ќе се обезбедат и најдобри решенија за најголемите актуелни предизвици како што се Ковид-19 пандемијата и глобалната енергетска криза. На средбата се размениле мислења околу можните кадровски решенија кои треба да ги преземат потенцијалните обврски и одговорности, односно за соодветните позиции, министри, заменици министри и други раководни лица во рамки на централната власт, се вели во дописот од Владата.

Претходно, пред средбата лидерот на Алтернатива, Гаши посочи дека за нив е најважен концепот што ќе го понуди премиерот Заев за излез од економската и политичката криза. Според него, помалку е важна поделбата на ресори, зашто земјава е исправена пред предизвикот да го реши спорот со соседна Бугарија со цел да почнат преговорите за полноправно члентво на земјава во ЕУ.

Како што е најавено, во деновите што следат ќе продолжат консултациите во партиите, по што ќе следи и нова работна средба помеѓу премиерот Заев и претседателот на Алтернатива, Гаши, со нивните тимови.

Ова беше втора лидерска средба, откако на централното претседателство на Алтернатива, на Гаши му беше дадена виза да преговара за евентуален влез на партијата во Владата.

Игор Панов