Tелата на загинатите преку организиран државен протокол ќе им бидат предадени на семејствата
Шефот на дипломатијата, Бујар Османи, имал разговор со заменикот главен обвинител на Бугарија Борислав Сарафов. Останките ќе им бидат предадени на семејствата во нивните домови.

Телата на 45-те загинати во автобуската несреќа, најдоцна до петок ќе бидат пренесени во скопје со авион на Република Бугарија преку организиран државен протокол.
Шефот на дипломатијата, Бујар Османи, имал разговор со заменикот главен обвинител на Бугарија Борислав Сарафов. Останките ќе им бидат предадени на семејствата во нивните домови.
По остварениот разговор со бугарскиот обвинител од Софија, надлежен за трагедијата од 23 ноември, г-дин Сарафов, сакам да ја информирам јавноста дека е донесена одлука за предавањето на телата на нашите сограѓани кои ги загубија животите во трагичната несреќа, во четврток 2 декември. Владата на Р. Бугарија го прифати нашето барање преносот од Софија до Скопје да се изврши со авион на Р. Бугарија, додека од меѓународниот аеродром Скопје, преку организиран државен протокол истиот или наредниот ден петок 3 декември, останките ќе им бидат предадени на семејствата во нивните домови, објави на својот Фејсбук профил Османи.
Од болницата „Пиргов“ во Софија, вчера беа отпуштени маж и неговата сопруга, кои беа повредени во автобуската несреќа. Досега, пет македонски државјани се отпуштени од болницата, а на лекување остануваат уште двајца.
Двајцата пациенти од автобуската несреќа во Бугарија кои беа хоспитализирани на Клиниката на пластична хирургија во Скопје, вчера беа пуштени на домашно лекување.
