Куманово: Двојно зголемен интересот за имунизација против сезонски грип, проблеми има со „Мој термин“
Двојно е зголемен интересот за имунизација против сезонски грип во Куманово. Од Центарот за јавно здравје нагласуваат дека најмногу се заинтересирани лицата со хронични заболувања. Регистрираат и мал проблем, со закажувањето преку „Мој термин“, бидејќи доцнат пораките, па пациентите можат да го испуштат својот термин.

Тече имунизацијата против сезонски грип во Куманово. Надлежните од Центарот за јавно здравје информираат дека интересот е голем, досега се вакцинирани над 1.700 граѓани, повеќето со хронични заболувања. Нагласуваат дека дел од пациентите укажале на мал проблем со закажувањето преку „Мој термин“, со читањето на пораките, па затоа тие според нивните списоци се јавуваат и ги повикуваат, за да не го пропуштат својот термин.
„Центарот за јавно здравје годишно има вакцинирано околу 800 до 1.000 вакцини во текот на изминатите години. Минатата година се покажа голем интерес, тогаш вакцинацијата се одвиваше исто преку „Мој термин“,меѓутоа беше задолжен Здравствен дом. Можам да кажам дека двојно е зголемен интересот за вакцинација“, изјави д-р Јадранка Стаменковска, епидемиолог во Центарот за јавно здравје Куманово.
Центарот за јавно здравје Куманово набавил и комерцијални вакцини 400 дози, од кои веќе се употребени 250 дози, наменети за лицата кои што не ги исполнуваат условите бесплатно да се вакцинираат. Завршена е и имунизацијата во домот за стари лица „Зафир Сајто“, каде се вакцинирани околу 70 штитеници.
„Втор пат примам, препорачувам сите да примаат, да не се колебаат“-истакна еден кумановец.
Со бесплатните вакцини против сезонски грип се имунизираат хронично болните, граѓаните над 65- годишна возраст, бремените жени, децата и здравствените работници.
Елена Георгиевска
