Пандемија

Омикрон претставува глобален ризик

30.11.2021 12:39

Светската здравствена организација предупредува на висок ризик од инфекции со Омикрон сојот на глобално ниво. Тврдат, варијанатата може да предизвика сериозни последици во некои региони...

Омикрон претставува многу висок глобален ризик- предупредува СЗО. Раните докази за брзата преносливост и реинфекции, кои ги забележаа епидемиолозите загрижуваат, но сѐ уште е рано за да се добие целосната слика.

„Ова делумно се должи и на фактот што откако дознавме за оваа варијанта, значително го зголемивме нашето тестирање и надзор. Но, првичните докази укажуваат на тоа. Ќе бидат потребни три до четири недели за целосната слика“, вели Салим Абдул Карим, епидемиолог на Универзитетот во Квазулунатал.

Во меѓувреме, сѐ поголем број европски земји пријавуваат новодетектирани случаи со Омикрон. По Италија, Германија, Австрија, на листата додадена и Шпанија. Португалија, пак, го истражува локалниот пренос, откако мутираниот вирус беше детектиран кај 13 фудбалери, а само еден од нив неодамна допатувал од Јужна Африка.

„Ги интензивираме следењето на контактите и тестирањето секој 5-ти ден. Со ова ќе се обидеме да го прекинеме синџирот на пренос на новиот сој“, изјави Граса Фреитас, генерален директор за здравство во Португалја.

Слична е ситуацијата и на другите континенти. По првите потврдени случаи, Австралија ги затвори границите до 15-ти декември, но само привремено.

„Ние само купуваме време, привремено одложуваме за две недели додека добиеме повеќе информации за новиот сој. Ако тие ни дозволат да продолжиме, тоа е одлично ќе одиме напред во Новата година ќе ја отвориме земјата безбедна“, рече австралискиот премиер, Скот Морисон.

Во Јапонија, пак, и покрај тоа што се спуштија границите за посетителите, земјата го пријави првиот случај.

„Се работи за посетител од Намбија кај кого е потврдена новата варијанта. Неговиот тест бил позитивен уште на аеродромот и веднаш е ставен во карантин“, изјави Хироказу Мацуно, главен секретар на кабинетот на Јапонија.

Фармацевтските компании не губат време. Работат на нова вакцина која ќе го таргетира Омикрон, доколку постоечките се покажат неефикасни.

Ваквиот тек на ситуацијата ги раздрма финансиските пазари. Падна цената на сурова нафта, на австралиската валута, а Никеи се откажа од своите добивки поради можното продолжување на пандемијата.

 

Бојана Крстевски