Политика

Алтернатива ќе бара неколку министерски и директорски позиции

30.11.2021 15:11

Алтернатива ќе бара неколку министерски и директорски позиции, постигната е начелна согласност за влез во Владата. Консултациите за кадровските решенија се во тек. На средбата Заев- Гаши разгледани програмските аспекти за соработка. ВМРО-ДПМНЕ инсистира на предвремени парламентарни избори...

По средбата Заев- Гаши, во Алтернатива се разгледуваат деталите за заедничкото владеење и програмските определби. На состанокот било разговарано за можни кадровски решенија, но без да се прецизираат детали, бидејќи како приоритет бил посочен излезот од кризата и улогата на Алтернатива во Владата.

„Моментално ги финализираме принципите на заедничко владеење и програмските определби. Потоа следува делот за ресорите и кадровската политика. Што се однесува до позициите што треба да ги има Алтернатива во идната власт, до овој момент нема конкретна понуда, ниту пак барање од наша страна“, велат од Алтернатива.

Сепак, од Алтернатива брифираат дека ќе бараат од Владата неколку министерски, но и директорски места од кое намалку едно во некој фонд. Од Владата веќе потврдија дека е постигната начелна согласност за програмските аспекти од можната соработка и оти во тек се консултациите за кадровските решенија и за одговорносите коишто би ги презела Алтернатива.

ВМРО – ДПМНЕ засега ја следи ситуацијата инсистирајќи на предвремени избори. Партијата сѐ уште нема заземено став како ќе реагира на седницата закажана за 9-ти декември и дали воопшто ќе учествува на неа.

Додека работи на зголемувањето на мнозинството, СДСМ е концентрирана и на претстојниот избор за лидер на партијата на 12-ти декември и подоцна на Конгресот на кои ќе се бираат членовите на партиските тела. Конгрес на истиот датум ќе има и ВМРО-ДПМНЕ.

 

Миле Ристески