Безбедност

Министерски состанок на НАТО во Рига, во фокус актуелните безбедносни предизвици

30.11.2021 15:45

Заканите од руското воено присуство на границите со сојузниците на истокот од Европа, хибридната закана од Белорусија со мигрантите е дел од агендата на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Рига. НАТО лидерите треба да усвојат насоки за справување со актуелните безбедносни предизвици...

НАТО со порака до Русија дека засиленото воено присуство на границите со сојузниците и Украина е провокација за која Москва ќе плати висока цена. Од состанокот на шефовите на дипломатиите во Рига, упатено е барање Русија да биде транспарентна за воените сили за да се намалат тензиите.

Гледаме засилено руско воено присуство на границите со Украина. Ја повикуваме Русија да биде траспарентна, оти ова е провокација . Русија треба да ја намали тензијата за ситуацијата да не ескалира. Остануваме цврсто со сите сојузници што се засегнати“, изајви генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Шефовите на дипломатиите на Алијансата усвоиле насоки за справување со хибридната закана од Белорусија која праќа мигранти во земјите- членки на НАТО. Лукашенко е повикан да престане да ги загрозува животите на цивилите за свои цели.

Најважни се актуелните безбедносни предизвици како засиленото руско воено присуство на границата со Украина, но и хибридните закани од страна на Белорусија. Сигурен сум дека ќе испратиме силна порака на единство и дека не остапуваме од заштитата на сојузниците и нашите пријатели со цел да обезбедиме мир и стабилност. Понатаму ќе разговараме за Западниот Балкан и геостратешката цел на Алијансата за стабилен, просперитетен и демократски регион преку негово интегрирање во ЕУ, изајви министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

НАТО ги разгледал и научените лекции од мисијата во Авганистан и како да се спречи оваа држава да стане засолниште на терористи.

 

Ирина Гелевска