Македонија

Во Струмица доделени само 11 социјални станови

30.11.2021 15:55

Извисија останатите 12 апликанти кои влегоа во прелиминарната листа. Од ресорната комисија во синоќешното известување освен имињата на лицата кои станале сопственици на становите под закуп, има кус информативен дел за донесената одлука.

Само 11 станови додели Министерството за транспорт и врски во социјалната зграда во Струмица. Извисија останатите 12 апликанти кои влегоа во прелиминарната листа. Од ресорната комисија во синоќешното известување освен имињата на лицата кои станале сопственици на становите под закуп, има кус информативен дел за донесената одлука.

Имено, во соопштението се вели дека комисијата по извршениот увид во целокупната документација поднесена од страна на лицата, како и увид на лице место на местата на живеење на 23 кандидати кои се наоѓаат на прелиминарната листа, како и по извршената дополнителна проверка на податоците издадени од надлежните институции, ја утврди конечната листа, односно утврди дека 11 лица се стекнуваат со право на закуп на социјален стан во станбената зграда на ул. Ѓорги Василев број 44 во Струмица.

Револт и неверување кај 12-те апликанти кои ја изгубија надежта дека ќе влезат наскоро во сопствени домови. Нашата екипа стапи во контакт со лицата, но револтирани велат дека нема што да кажат пред камера. Бараат образложение за нивната одлука. Велат дека надежта им е срушена, а голготата за сопствен дом продолжува.

Во социјалната зграда има вкупно 37 слободни станбени единици, сега кога комисијата одлучи да додели само 11 од нив, остануваат 26 на располагање. Но, од Минисетрството за транспорт и врски немаат ниту конкретно објаснување кога овие станови ќе се распределат и добијат сопственици. Зградата чека речиси четири години станари, неофицијално дознаваме дека веќе се појавиле и дефекти во истата од неодржување.

Четири стана добија корисници на социјална помош, два стана отидоа кај самохрани мајки, четири лица со попреченост и едно лице кое до својата 18-та година било згрижено во институција.

Стојне Митева