Министерски совет во Белград

Бектеши: Македонија прва прави енергетска транзиција на Западен Балкан

30.11.2021 16:13

Со изградбата на две по 50 мегаватни електрани во Осломеј на приватни инвеститори, како и на две по 10 мегавати сопствена инвестиција на „ЕСМ“, ја правиме првата енергетска транзиција на електрана на јаглен со фотонапонска електрана, што е пример за останатите земји во регионот на Западен Балкан, кажа Бектеши.

На состанокот на Министерскиот совет на Енергетската заедница во Белград, министерот за економија Крешник Бектеши информираше дека Владата активно работи на енергетска транзиција во зелена енергија и дека приоритет на Владата се обезбедувањето на сигурно снабдување со енергија, економски раст и придвижување кон зелена економија.

Со изградбата на две по 50 мегаватни електрани во Осломеј на приватни инвеститори, како и на две по 10 мегавати сопствена инвестиција на „ЕСМ“, ја правиме првата енергетска транзиција на електрана на јаглен со фотонапонска електрана, што е пример за останатите земји во регионот на Западен Балкан, кажа Бектеши.

„Денес уште еднаш се потврди дека Северна Македонија во последните години ги направи сите подготовки во делот на енергетската транзиција, како што е случајот со ТЕЦ Осломеј која се трансформира целосно во производство на електрична енергија во обновливи извори. Тоа се потврди на денешниот состанок, а се донесоа и важни одлуки во делот на декарбонизацијата, на поттикнување на обновливи извори на енергија и во делот на енергетска ефикасност каде заложбите на владата се веќе наведени во програмските определби и во проектите кои веќе се реализираат“, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.

На состанокот со кој претседаваше српската вицепремиерка Зорана Михајловиќ се дискутираше за теми од енергетиката, кои се опфатени со Договорот за основање на Енергетската заедница, меѓу кои статусот на имплементација на Договорот во областите електрична енергија, природен гас, обновливи извори на енергија, клима, енергетска ефикасност, животна средина.

По завршување на Министерскиот состанок Бектеши оствари билатерална средба со потпретседателката на Владата на Србија, Зорана Михајловиќ, на која беше изразена поддршката на двете земји за зголемување на соработката во енергетскиот сектор преку проекти за регионално поврзување. Министерот Бектеши истакна дека зголемувањето на билатералната соработка помеѓу Северна Македонија и Србија е од клучна важност за растот на економиите на двете земји.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ