Авганистан пред историска пресвртница
Авганистан се наоѓа пред историска превртница со претседателските избори и повлекувањето на силите на ИСАФ до крајот на годината. Повлекувањето на ИСАФ и колку странски сили ќе останат во Авганистан по 2014-та е прашање што најверојатно до самитот на НАТО во септември ќе мора да се реши со новоизбраниот авганистански Претседател...

Во сабота ќе се одржи првиот круг од изборите за Претседател во Авганистан во атмосфера на напади од Талибанците врз изборните комисии и без меѓународни набљудувачи. Ниту еден од 11 кандидати нема целосна поддршка од четирите најбројни етнички групи.
„Знаеме дека овие избори ќе бидат оспорувани. Ќе видиме дали ќе има голема изборна измама, но сигурно ќе има насилство, ако не помеѓу кандидатите тогаш сигурно од страна на Талибанците“, вели Роналд Њуман, поранешен американски амбасадор во Авганистан.
„Гласовите на трите најголеми етнички групи: Паштуните, Таџистанците и Хазарстанците ќе бидат поделени, бидејќи имаме многу кандидати коишто претставуваат различни етнички групи“, изјави Наџиб Шарифи, аналитичар од Авганистан.
По 14 декември, од сегашните 50 илјади припадници на ИСАФ, ќе останат само неколку илјади во 10 до 20 бази. Поранешниот Командант на силите на ИСАФ со најдолг мандат од 19 месеци, генерал Џон Ален истакна дека стабилизацијата на Авганистан нема да била можна без професионалноста на војниците од коалицијата.
„Веројатно овде има многу дипломати коишто ги претставуваат повеќето од 50-те нации што имаат војници во коалицијата. Сакам да ја потсетам и оваа публика дека 150.000 припадници на ИСАФ дејствуваат грандиозно во Авганистан“, рече пензионираниот генерал Џон Ален, поранешен Командант на ИСАФ во Авганистан.
Најсериозни кандидати за нов авганистански Претседател се доктор Залман Расул којшто ја има поддршката на актуелниот Претседател Карзаи и кралското авганистанско семејство, доктор Абдула Абдула поддржуван од Северната Алијанса на поранешниот лидер на Муџахедините Ахмед Масуд и економистот и поранешен вработен во Светска Банка Ашраф Гани.
Досегашниот Претседател Хамид Карзаи одбиваше да потпише билатерален договор за безбедност со САД, па сега оваа задача ќе остане на новоизбраниот авганистански Претседател.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
