Енергетска криза

ТЕЦ Неготино ќе започне со производство штом ќе пристигне мазутот

01.12.2021 14:28

Раководството на ТЕЦ Неготино најавува дека ќе започне со производство на електрична енергија, штом ќе пристигне мазутот, кој го набавува АД ЕСМ. В петок се отвора тендерот на ЕСМ за набавка на 6,5 илјади тони мазут, потребни за рестарт на централата...

ТЕЦ Неготино ќе започне со производството на електрична енергија најмалку за десетина дена. Ова се најавите кои доаѓаат од раководството на термоцентралата, откако АД „ЕСМ“ го распиша тендерот за набавка на мазут, кој ќе биде отворен в петок. Тие ќе ја набават потребната количина мазут за функционирање на ТЕЦ „Неготино“ и ќе ја преземе целокупната произведена електрична енергија.

ТЕЦ Неготино се активира со работа по 11 години пауза, последен период на работа беше 2009-та година. Според Владата, целта е за дополнително, времено производство на електрична енергија во услови на енергетска криза. Тендерот кој е распишан од АД ЕСМ е за количина од 6,5 илјади тони мазут, кои доколку ТЕЦ работи со една трибина, според познавачите, ќе биде доволно за два месеци работа. Производителот е подготвен да започне со работа.

МЖ Инфраструктура во меѓувреме изврши репарација на пругата во должина од два километри. Од железничка станица Дуброво до ТЕЦ Неготино, и таа е подготвена да го пренесува мазутот кој ќе стигне во земјава.

 

Петар Печков