Продолжуваат преговорите помеѓу Заев и Гаши
Од Владата утрово соопштија дека средбата ќе биде во ист формат како и претходниот пат и дека и овој пат не се предвидени изјави за медиумите, а за заклучоците од средбата ќе информираат преку соопштение...
Премиерот Зоран Заев и претседателот на Алтернатива, Африм Гаши денеска во Клубот на пратениците во Скопје имаат нова средба за вклучување на партијата во Владата и парламентарното мнозинство. Пред почетокот на средбата Заев и Гаши не дадоа изјави за медиум. Гаши рече само дека продолжуваат со преговорите.
Од Владата утрово соопштија дека средбата ќе биде во ист формат како и претходниот пат и дека и овој пат не се предвидени изјави за медиумите, а за заклучоците од средбата ќе информираат преку соопштение.
Претходно Заев и Гаши имаа средба во понеделникот, кога, според соопштението испратено од владината прес-служба по нејзиното завршување, начелно бил договорен програмскиот дел од можната идна соработка на Алтернатива во Владата и дека консултациите за кадровските решенија се во тек. Тогаш беше најавено и дека по консултациите во партиите ќе следи и нова работна средба со тимовите.
