Продолжува жестоката реторика меѓу западот и Русија
Продолжува жестоката реторика меѓу САД, ЕУ и НАТО од една и Русија и Белорусија од друга страна. Столтенберг ја повтори посветеноста на НАТО и обезбедувањето поддршка за Украина и за Грузија.

Жестока реторика- САД, ЕУ и НАТО од една страна и Русија и Белорусија од друга. Генералниот секретар Столтенберг ја повтори посветеноста на организацијата да обезбеди политичка поддршка за Украина и за Грузија.
„Грузија и Украина се меѓу најблиските партнери на НАТО, кои придонесуваат во операциите и мисиите на НАТО и се стремат за членство во Алијансата. Остануваме посветени да обезбедиме политичка и практична поддршка на Грузија и на Украина“, соопшти генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Столтенберг веќе предупреди дека НАТО мора се подготви за најлошото сценарио доколку Русија ја нападне Украина. Рускиот претседател Путин одговори дека Москва ќе биде принудена да дејствува доколку алијансата ги премине „црвените линии“.
„Се надевам дека ќе надвладее здравиот разум, како и одговорноста и за нашите земји и за светската заедница“, рече претседателот Путин.
Во соседна Белорусја не запираат заканите од претседателот Лукашенко. Минск ќе го прекине транзитот на енергетски ресурси доколку Полска ги реализира заканите и ги затвори границите. За „Раша тудеј“ изјави дека не ја исклучува можноста за поставување на руско нуклеарно оружје во Белорусија, доколку проектилите на НАТО пристигнат во Полска и прибалтичките земји.
„Доколку САД распоредат нуклеарни проектили во Полска, тогаш ќе му предложам на Путин да ги врати нуклеарните ракети во Белорусија“, нагласи Лукашенко.
Во извештајот на Белоруската државна новинска агенција се наведува дека Лукашенко реагирал на неодамнешната изјава на генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, кој навести можност за распоредување нуклеарно оружје во источна Европа.
Маријана Димовска
