Поднесени првите кандидатури за лидер на СДСМ
Фросина Ременски и Димитар Ковачевски поднесоа кандидатури за претседател на СДСМ. Ременска најави дека нејзината визија за СДСМ во следните пет години е да биде победник во сите процеси пред коишто е исправена партијата. Доколку ја добие довербата, Ковачевски најави дека ќе се заложи за враќање на единството во партијата. Постапката за кандидирање е отворена заклучно со петок...
Социјалдемократската визија и вредностите на работењето, економски раст, зголемување на стандардот и фер шанса во кој најдобрите ја добиваат одговорноста– е основата на програмата на кандидатот за лидер Ковачевски. Како близок соработник на актуелниот премиер, тој оценува дека Заев нема да влијае на изборот, а својот интегритет самиот го изградил врз основа на своето работење. Според Ковачевски, партијата минува низ предизвици и секој член на партијата е значаен.
Во однос на одредени кадровски промени, тој доколку ја освои довербата на сопартијците, рече дека СДСМ има капацитет, и дека последната реконструкција на кабинетот била пред повеќе од половина година.
И поранешната пратеничка Фросина Ременски се кандидираше за наследник на Заев. Таа смета дека Ковачевски има поддршка во кандидатурата од самата Влада, но и дека станува збор за натпревар на умови.
Ковачевски и Ременски се првите кои ги поднесоа кандидатурите за иден претседател на владејачката партија. Роковите се отворени до 3-ти декември. Вонредниот конгрес на СДСМ на кој ќе се избира новиот лидер е закажан за 12-ти декември.
Марина Стојанова Тонева
