Тетово

Пластичните кеси заменети со платнени

01.12.2021 16:21

Купувачите денеска пластичните ги заменија со платнени кеси, по стапувањето на сила на новиот закон кој предвидува цена од 15 денари за една кеса, средства кои треба да завршат во посебен Фонд за заштита на животната средина. Екологистите го пофалија ваквиот чекор и бараат собраните пари од Фондот да се потрошат наменски. Купувачите и продавачите поделени околу новите измени....

Некои негодуваат, некои го поздравуваат, но сите се согласни дека новиот закон ќе придонесе за заштита на животната средина.

Добро е што граѓаните ќе се вратат на старите навики, на секое пазарење да се носи торбиче, велат дел од соговорниците за МТВ, кои воопшто не користат пластични кеси.

За разлика од маркетите, на пазарите ќе биде потешко да се примени новиот закон. Никој нема да сака да купи најлонска ќеса по толку висока цена, а непрактично е во една торба да се стават повеќе земјоделски производи, велат тетовските пазарџии.

Ваквите еколошки закони требаше да се донесат и порано, сметаат невладините. Се надеваат дека парите од пластичните кеси кои ќе завршат во посебен Фонд, ќе се искористат наменски.

Кој не го почитува новиот закон, ќе се соочи со санкции. Законот предвидува и забрана за користење на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти.

 

Зоран Димовски