Зголемувањето на минималната плата ќе предизвика нов бран отпуштања во текстилниот сектор
35 илјади семејства во државата живеат во социјален ризик. Проекциите на Министерството за труд и социјална политика се дека идната година уште 5.500 семејства ќе бидат во оваа категорија. Најмногу отпуштања имаше во текстилниот сектор, каде состојбата полека се стабилизира, но не се исклучува можноста за нови отпуштања.

Од почетокот на пандемијата за само една година над седум илјади лица од текстилниот сектор останаа без работа, ова најсилно се чувствува во Штип, Прилеп и Кочани. Состојбите во текстилниот сектор се стабилизираат, велат од кластерот за текстил, партнерите од Европа го селат производството од далечниот исток на Балканот, но поскапувањето на струјата и најавата за пораст на минималната плата се голем предизвик за текстилните компании.
Вештачкото зголемување на минималната плата нема да ја подобри социјалната положба на граѓаните, сметаат стопанствениците и државата треба да преземе конкретни мерки за стабилизирање на стандардот, како замрзнување на цените на трошоците за живот. Тешко се опстанува со минимална плата и ниски пензии – велат граѓаните.
Текстилниот и угостителскиот сектор се најпогодени од кризата, со најголем број на отпуштања и прекин на дејноста. Од друга страна, металопреработувачката и електроиндустријата бележат зголемување на производството.
Славица Величковска
